Иван Перишиќ го прекина молкот откако не успеа да ја смени средината во зимскиот преоден рок. Хрватот ги пропушти последните два меча на „нероаѕурите“ очекувајќи преселба во Арсенал, но денес би можело да се врати во составот за мечот со Болоња. Перишиќ пред неколку дена го прослави 30-от роденден, па им испрати порака на фановите на Интер, од кои се очекува да му приредат „ладно“ пречек пред почетокот на натпреварот.
„Велат дека ова се златни години, благодарам за сите честитки, но и за критиките кои ги добив овие неколку дена. И двете ми се гориво да продолжам понатаму“, истакна Перишиќ.
Интер ќе се обиде да се врати во победничка форма по поразот од Лацио и ремито Сасуоло, а Болоња денес гостува со нов тренер на клупата, Синиша Михајловиќ. Средбата од 22- коло во Серија А која ќе се игра на „Џузепе Меаца“ е закажана во 18 часот.