Петициите за преигрување на дел од натпреварите на Европското првенство станаа мода, а сега има нова и е покрената за да се игра нов меч меѓу Англија и Данска.
Први почнаа Французите, кои собраа над 250 илјади потписи за да се преигра мечот со Швајцарија, бидејќи сметаа дека голманот Јан Сомер предвреме ја напуштил гол-линијата при одбранетиот клучен пенал на Килијан Мбапе, со кој актуелните светски прваци беа елиминирани во осминафиналето.
На чудното барање на Французите со шеговит предлог одговрија Белгијците по поразот од Италија во четвртфиналето.
„Треба повторно да се игра четвртфиналето со Италија и повторно да загубиме. Загубивме од најсилниот противник, треба уште еднаш да се докаже колку подобри беа тие од нас“, стои во предлогот на белгиските фанови кои се шегуваат на сметка на француските фанови кои учествуваа во петицијата.
Сега повторно е сериозно и има нова петиција за преигрување на полуфиналето меѓу Англија и Данска, а причината е позната, пеналот што беше досуден за Гордиот Албион во 104-тата минута, по кој тие победија со 2:1 и се пласираа во финалето на ЕП.
Оваа е малку поинаква од француската и е интернационална. Се здружија Данците и остатокот од Европа како дел од неутралните фанови на фудбалот, кои мислат дека Рахим Стерлинг одглуми прекршок во финишот на првото продолжение.
Засега има само 1.000 потписници, а јасно е дека петицијата е само формална и дека нема шанси да се преигра мечот и Англија ќе игра меч за европската круна против Италија на 11 јули, на „Вембли“ во Лондон.