Петкратната победничка на Вимблдон доби специјална покана за настап во Лондон

Легендарната Венус Вилијамс има 43 години, но уште не се предава и е дел од светската тениска сцена, па дури ќе ја видиме и на гренслем-турнирот во Лондон, популарниот Вимблдон. Организаторот на овогодишното издание на Вимблдон реши да ѝ даде специјална покана, популарно наречена вајл-карта на петкратната освојувачка на турнирот кој го носи прекарот Неофицијално светско тениско првенство.

Вилијамс минатата недела за првпат по пауза од пет месеци се врати на тенискиот терен, и тоа на турнирот во Хетрогенбош, каде што изгуби во првото коло. Потоа Венус замина и на турнир во Бирмингам, каде што во првото коло ја победи Камила Џорџи од Италија (7:6, 4:6, 7:6). За Венус ова беше прва победа над тенисерка која е во Топ 50 на ВТА уште од 2019 година. Вилијамс моментално е на 697-мата позиција на ВТА-листата, а утрешен противник ќе ѝ биде Остапенко.

Организаторот на Вимблдон сезонава додели вкупно 13 вајлд-карти, а меѓу оние со специјална покана се и Елина Свитолина од Украина и Давид Гофин од Белгија.

Вимблдон ќе започне на 3 јули.

- Оглас -

Најнови вести