Петра Влхова од Словачка ја уништи конкуренцијата и на убедлив начин триумфираше на слаломската трка на Слијеме во Загреб. Таа триумфираше со дури 1,31 секунди подобро вкупно време од Микаела Шифрин, која за првпат сезонава е поразена во еден слалом.
Влхова со стартен број 1, беше брилијантна во првото возење кога создаде огромна предност, а во второто возење само рутински ја одржуваше предноста и докажа дека денеска е нејзин ден. Таа е втора скијачка од Словачка после Вероника Зузулова од 2017 година, која победила на Снежната кралица во Загреб. Лани тука победи Шифрин, но Американката не успеа по петти пат да триумфира во Хрватска. Третото место го освои Катарина Линзбергер од Австрија.
Утре на Слијеме се вози и машки слалом.