Петреску ќе чести пица, а Клуж бара трета среќа против ривал со кого секогаш е последен во група

Романскиот првак Клуж повторно ќе гостува во Рим и на „Олимпико“ против Рома, место и екипа против која го постигнаа највредниот резултат во европските купови.

Бразилецот Кулио, кој е легенда на клубот, не е веќе дел од тимот, а токму тој со два гола ја урна Римската волчица во меч од Лигата на шампионите пред 12 години.

Клуж сензационално ја победи Рома со 2:1 во италијанската престолнина, но и заврши како последен во групата А зад Рома, Челзи и Бордо.

И за да биде судбината уште понезгодна, Клуж повторно беше фенерџија и две години подоцна, кога повторно беше во група со Рома.

Тогаш загуби во Рим со 2:1, а ремизира дома 1:1, но пак беше последен зад Баерн, Рома и Базел. Сега за првпат се со Рома во група од Лигата на Европа и видикот им е многу подобар од претходните дружби со Римската волчица.

Романците се лидери во А групата, токму заедно со денешниот ривал имаат по 4 бода од два меча, а најавуваат дека конечно ќе ја избегнат судбината да бидат последни секогаш кога се во друштво со италијанскиот гигант.

„Имаме многу проблеми со корона-вирусот и ќе бидеме ослабени без неколку играчи. Кога би можела Рома да ни даде двајца дефанзивци, би било прекрасно. Мора да играме, без разлика на проблемите со пандемијата. Ќе го честам пица секој играч што ќе даде два гола на Олимпико“, изјави малку и на шега Дан Петреску, тренерот на романскиот првак.

Клуж има проблеми во одбраната, а тренерот на Рома, Паоло Фонсека, најави дека ќе одмори дел од играчите за да бидат подготвени за следните предизвици во Серија А.

Мечот ќе се игра без публика од 18.55 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести