Поранешниот фудбалер Жарарт Пике смета дека помал број натпревари во текот на сезоната ќе му донесат добро на фудбалот и играчите од топ лигите кои се жалат дека се презаморени и немаат доволно одмор, а тоа носи чести повреди.
Според Пике, најсилните лиги во Европа треба да имаат по 16 прволигаши, а не по 20 или по 18 како што е сега.
„Мислам дека бројот на натпревари треба да се намали. Треба да се јавиме во сите лиги и да им кажеме дека наместо 20 екипи, да имаат само по 16 клубови. Има натпревари на секои три дена и нема време за одмор ни во лето“, рече Пике во Лондон.
Пике исто така ги критикуваше УЕФА и ФИФА доведувајќи го во прашање создавањето нови натпреварувања, како што се Лигата на нациите и Светското клупско првенство. Наместо повеќе турнири, тој сугерира дека треба да се фокусираат на создавање „премиум и поексклузивни искуства“, со помалку натпревари, но со повисок квалитет и со поголема привлечност за навивачите.
Светскиот шампион од 2010 година призна дека федерациите настојуваат да генерираат повеќе приходи со овие турнири, но предупреди дека долгорочно ова преоптоварување може негативно да влијае на фудбалот.
„Разбирам дека сакаат повеќе пари, но на крајот подобро е да имаат помалку мечеви со повисок квалитет. Ова ќе им користи и на фудбалерите“, вели Пике.