Жерар Пике ја заврши фудбалската кариера и тоа на лош начин. Доби црвен картон на дуелот против Осасуна и тоа додека беше на клупата за резервни фудбалери. Пике беше исклучен поради вербални навреди кон главниот арбитар Хил Манзано. Судијата во извештајот по мечот има напишано дека Пике го пцуел и тоа ги напиша точно зборовите кои ги слушнал.
Сепак, Пике сега реши да даде своја верзија од целиот настан и вели дека незаслужено бил исклучен. Дефанзивецот на Барселона потенцира дека нема причина да измислува и да се правда затоа што веќе ја завршил кариерата и не се плаши дека некој може да го казни.
„Давам изјави од мојата 17-та година и сега конечно сум слободен и не морам да давам шаблон изјави, туку да го кажувам она што навистина го мислам. На никого не му пцуев мајка, туку дојде време да не смее ништо да му се пререче на судијата, веднаш те исклучваат. На полувремето дојдов до Манзано и му реков дека тој нè оштети. Му реков дека Левандовски не требаше да го добие првиот жолт картон, дека корнерот по кој Осасуна даде гол воопшто не беше корнер и дека имаше фаул над Маркос Алонсо. Потоа продолжив по него и во тунелот и му реков дека суди на наша штета. Потоа Манзано погледна во правецот на нашиот претставник на клубот Карлес Навал и му рече дека јас сум исклучен од мечот. Бев шокиран. Во Англија е нормално да се зборува со судијата, а тука што и да кажеш, веднаш те исклучуваат“ вели Пике за исклучувањето во неговиот последен меч во кариерата.