Пикси го објави својот прв список на српски репрезентативци, реакциите се големи
Новиот селектор ги изостави Коларов, Матиќ, Љајиќ, Максимовиќ, Миливојевиќ...

Фудбалската репрезентација на Србија во мартовските квалификации за СП 2022 ќе игра со реновиран состав, а откако новиот селектор Драган Стојковиќ-Пикси го објави списокот на кандидати, забележливо е отсуството на ѕвезди кои играат во Серија А и Премиер лигата.
Пикси не го чепкаше нападот, ќе се потпира на Митровиќ, Јовиќ и Влаховиќ. Но, во одбраната и средниот ред ги изостави капитенот Александар Коларов, Максимовиќ, Миливојевиќ, Љајиќ, како и Немања Матиќ, кој лани објави повлекување од репрезентацијата.
Од друга страна, повикан е искусниот 28-годишен дефанзивец Марко Петковиќ, кој игра во српската Суперлига за клубот ТСЦ. Петковиќ од 2016 не бил во националниот тим и има само два настапи. Повратник е Андрија Живковиќ, кој игра добро за ПАОК, а прв повик доби и Урош Рачиќ од Валенсија.
Србите во мартовскиот циклус имаат добар распоред, играат дома со Република Ирска и Португалија, а гостуваат кај Азербејџан. Пикси рече дека смета и на Настасиќ и Гаќиновиќ, но тие нема да играат поради повреди.