Тренерот на Милан, Стефано Пиоли, верува дека неговите фудбалери можат да обезбедат пласман во финалето на ЛШ иако вечерва во првиот полуфинален дуел, загубија од Интер со 2:0.
„Факт е дека Интер играше подобро во првото полувреме и постигна два гола, додека ние бевме подобри во второто, но не успеавме да дадеме гол. Но, тоа е фудбалот. Интер ги искористи своите шанси во првото полувреме, додека ние многу грешевме. До седмата минута играчите на Интер не стапнаа во нашиот шеснаесетник. Но, моравме да бидеме сконцентрирани. Се надевавме на поинаков резултат, но мора да продолжиме да веруваме дека можеме работите да ги свртиме во наша корист во реваншот и да одиме во финале“, изјави Пиоли по натпреварот.
Тренерот на Росонерите се надева дека за реваншот, кој ќе се игра идниот вторник, ќе може да смета на Рафаел Леао, кој вечерва не настапи поради повреда на ногата.
„Имаме уште шест дена до реваншот, ќе видиме. Се надевам дека Рафаел ќе може да настапи“, рече Пиоли.