Милан е во резултатска криза, па во последните 15 одиграни меча во сите натпреварувања имаат само четири победи. Во овој период Росонерите имаа четири порази и седум нерешени, па навивачите не случајно бурно реагираа по последните два неуспеси, односно поразите од Интер во Лигата на шампионите и од Специја во Серија А.
Во првиот меч од полуфиналето во ЛШ, Милан како домаќин загуби со 0:2 од градскиот ривал Интер, а утре на нивниот заеднички стадион се игра реваншот, но на трибините ќе доминираат фановите на Нераѕурите. Иако мали се шансите Милан да оди во финалето на ЛШ, тренерот Стефано Пиоли е оптимист.
„Не е лесно да се подготвиме за утрешниот дуел, но имаме важна цел, а тоа е да победиме и да се пласираме во финалето од Лигата на шампионите, со што ќе ги изненадиме сите. Сега како никогаш претходно, никој не верува дека Милан може да игра во финалето, но јас сум убеден дека можеме да одиграме одличен натпревар. Долг ќе биде мечот и треба добро да започнеме и да ги искористиме нивните грешки. Мора да бидеме внимателни во текот на целиот меч и да ги лимитираме нашите грешки“, вели Пиоли во пресрет на реваншот против Интер.
— MilanNews.it (@MilanNewsit) May 15, 2023