Пиоли: На почетокот на сезоната судиите велеа дека ваквите ситуации не се пенал

Милан не успеа да се стекне со предност против Јувентус во првиот меч од полуфиналето на Италијанскиот куп. Росонерите водеа со 1:0 до последната минута од регуларниот дел, а тогаш судијата Паоло Валери покажа дека имало пенал за Јувентус, кој прецизно го реализираше Кристијано Роналдо.

Пеналот е поради играње со рака на Калабрија по ударот на Роналдо. Првично арбитерот покажа дека нема пенал, но по сигнализација од ВАР-собата, реши повторно да ја погледне ситуацијата, а кога виде дека топката го удрила Калабрија во раката, покажа на белата точка.

По завршувањето на средбата, тренерот на Милан, Стефано Пиоли, беше разочаран поради тоа што судијата решил да покаже пенал за таква ситуација.

„На почетокот на акцијата имаше фаул врз Ибрахимовиќ, но тој не беше свирен. Плус се сеќавам како судиите покажуваа фотографии од дуелот Калјари – Бреша на почетокот на сезоната и велеа дека е грешка ако во таква ситуација се досуди пенал затоа што играчот е свртен и не ја ни гледа топката. Не знам зошто ситуацијата на Калабрија е поинаква кога и тој е свртен и не може да ја види топката. Во таква ситуација кога играчот скока, не може да ги исече рацете. Едноставно играчот воопшто немаше време кога да ги намести рацете да бидат во природна положба со телото“, вели Пиоли, кој на крајот додаде дека е горд на играта на својот тим.

Слична ситуација како таа на дуелот Милан – Јувентус имаше и на мечот Интер – Наполи, кој се играше само 24 часа порано на истиот стадион во Милано, но тогаш одлуката на арбитерот беше поинаква.

Реванш-мечот од полуфиналето на Купот ќе се игра на 4 март во Торино.

 

- Оглас -

Најнови вести