Милан го претрпе најголемиот пораз од градскиот ривал во последните 49 години откако загуби со 5:1. Освен овој дебакл, Росонерите поставија уште еден неславен рекорд, а тоа е дека за прв пат во клупската историја, пет пати по ред загубија од градскиот ривал. Сите пет порази на Милан од Интер се во 2023 година и тоа е рекорд по бројот на порази во една календарска година.
По завршување на дуелот, тренерот на Милан, Стефано Пиоли изјави дека не чувствува потреба да се извинува на никого, па дури ни на навивачите на Росонерите поради дебаклот. За разлика од Пиоли, централниот дефанзивец на Милан, Симон Кјаер веднаш побара извинување од фановите.

„Резултатот е многу лош за нас. Жал ми е за навивачите, но Интер беше попаметен од нас во некои ситуации. Бевме рамноправни додека не го примивме третиот гол. Ова е едно големо патување и веќе мора да се фокусираме на следниот меч и да продолжиме да работиме за да бидеме подобри“, рече Кјаер.

