Пирло распали по играчите: Многу се самобендисани и егоистични

Јувентус рутински славеше на гостувањето кај Ференцварош со 4:1 во меч од третото коло од Лигата на шампионите. Алваро Мората ги даде првите два гола, а вторите два беа дело на Пауло Дибала, и тоа благодарение на киксовите на домашниот голман. Ференцварош во 90-тата минута постигна почесен гол.

Иако на крајот беше 4:1, тренерот на Јувентус, Андреа Пирло, не беше задоволен од играта, посебно од фактот што по еден час игра резултатот беше само 1:0 за Старата дама. Тренерот на Јувентус реши да ги искара своите фудбалери.

„Требаше да играме многу подобро. Направивме многу грешки, а тоа беше чисто поради нашата самобендисаност. Многу разговарам со фудбалерите, но на крајот тие се тие кои одлучуваат какви ќе бидат на теренот. Можеа да бидат и помалку егоисти и порано да го решеа мечот“, рече Пирло.

Со критиките на Пирло се согласува и капитенот на Јувентус, Џорџо Кјелини.

„Немојте да се лажете, разликата во класи беше очигледна. Делуваше премногу лесно, но мислам дека игравме премногу незаинтересирано во првото полувреме и премногу го успоривме темпото на игра. Во вториот дел заигравме подобро и создадовме повеќе шанси“, рече Кјелини по триумфот над Ференцварош.

 

- Оглас -

Најнови вести