Во последните четири меча Ливерпул загуби исто колку и на претходните 66 дуели!

Од стартот на Премиер лигата на 9 август минатата година, па сè до средината на февруари, Ливерпул одигра 41 меч во сите натпреварувања со неверојатен биланс. Фудбалерите на Ливерпул се радуваа на 36 меча, трипати одиграа нерешено, а само двапати загубија. Едноставно делуваа како машини кои нема тим што може да ги сопре.

Ливерпул го направи најдобриот старт во историјата на Премиер лигата и речиси само теоретски треба да ја обезбеди првата титула во првенството по пауза од 30 години, а одлично играше и во Лигата на шампионите. Навивачите на останатите клубови во очај кога требаше да играат против Ливерпул, само се надеваа нивниот тим да загуби со помала разлика.

НЕКОИ ВЕРУВААТ ДЕКА ПИСМОТО ОД НАВИВАЧОТ НА МАНЧЕСТЕР Е КОБНО

Еден млад навивач на Манчестер јунајтед реши дури и да му напише писмо на тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, и да го замоли Ливерпул да почне конечно и да губи.

„Ливерпул премногу мечеви нема загубено. Затоа ве молам нареден пат кога Ливерпул ќе игра, направете да загубите. Треба да им дозволите и на останатите тимови да даваат голови“, стоеше меѓу другото во писмото испратено од 10-годишниот Дарах, кој е навивач на најголем ривал на Ливерпул.

Неколку дена по добиеното писмо, Клоп реши лично да му одговори на детенцето, а тоа што тренерот на Ливерпул го напиша во писмото може да го прочитате ТУКА.

Писмото на младиот навивач на Манчестер беше испратено непосредно пред крајот на јануари, а Ливерпул веќе во следниот меч одигра нерешено против третолигашот Шрусбери во ФА купот. Потоа Ливерпул повторно победуваше, но откако Клоп му врати одговор на писмото на младиот навивач на Манчестер, работите како да се сменија.

ПРВПАТ ГУБАТ ТРИ МЕЧА НА ГОСТИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ПЕТ И ПОЛ ГОДИНИ

На 18 февруари Ливерпул со 0:1 загуби на гостувањето кај Атлетико Мадрид во првиот меч од осминафиналето во Лигата на шампионите, а потоа во првенството едвај го победи Вест хем со 3:2, иако на 20-тина минути до крајот гостите изненадувачки водеа.

Ако против Вест хем фаворитот успеа да се спаси, тогаш немаше спас во дуелот против Ватфорд. Тимот кој се бори за спас од испаѓање го надигра лидерот и го победи со 3:0. Овој пораз делуваше шокантно, но како да им даде сили на останатите екипи дека Ливерпул сепак не е непобедлив. Тоа синоќа го докажа и Челзи. Лондонскиот тим со 2:0 ги победи фудбалерите на Јирген Клоп и Ливерпул испадна од ФА купот.

За првпат по ноември 2014 година Ливерпул загуби три меча во низа на гостински терен, додека четири години се немаше случено на три меча по ред Ливерпул да прими барем два гола.

Едноставно магијата за непобедливост на Ливерпул како да исчезна. Тимот кој во претходните 66 меча во сите натпреварувања имаше само три порази, сега само за 14 дена капитулираше трипати. Клоп сепак како да го послуша советот на младиот навивач на Манчестер јунајтед во испратеното писмо непосредно пред да започне резултатската криза на англискиот гигант.

 

- Оглас -

Најнови вести