По 11 години, во Шпанија најдобриот фудбалер не е Меси или Роналдо

Карим Бензема е избран за најдобар фудбалер во шпанското првенство, добивајќи ја наградата која ја доделува весникот „Марка“. Францускиот голгетер со ова признание стави крај на 11-годишната доминација на Лионел Меси и Кристијано Роналдо, кои беа „резервирани“ за оваа награда.

Во сезоната 2007/08 оваа награда ја освои Раул Гонзалес, голгетерот на Реал, а веќе од следната година само Меси и Роналдо беа на тронот. Дури оваа сезона се најде херој во името на Карим за да заврши доминацијата на Меси и Роналдо.

„Оваа награда многу ми значи. Среќен сум и горд и мислам дека ова е награда за сè што постигнав и му дадов на Реал Мадрид од 2009 година до денеска“, рече 33-годишниот Бензема, кој секако дека е еден од најзаслужните што Кралскиот клуб летово се радуваше на шампионската титула по пауза од три години.

Францускиот интернационалец минатата сезона постигна 21 гол, а имаше и осум асистенции. Сезонава неговиот биланс е седум погодоци во 12 натпревари во Примера дивисион.

 

- Оглас -

Најнови вести