Некогашниот англиски репрезентативец Џон Тери реши дека е време да стави крај на активното играње фудбал. Дефанзивецот вечерва и официјално објави дека заминува во пензија, на 37-годишна возраст. Тери беше без клуб, откако летоска си замина од Астон вила. Веста за пензионирањето ја соопшти на својот Инстаграм профил.
„По 23 неверојатни години поминати како фудбалер, решив дека сега е вистинското време да се повлечам“, напиша Тери, кој е еден од легендарните играчи на Челзи.
Тери во Челзи помина две децении од кариерата, но последен пат го носеше дресот на Астон вила. За англиската репрезентација настапи на 78 средби.
Најголемите успеси ги имаше со Челзи, радувајќи се на пет титули во Премиер лигата, пет трофеи во ФА купот, како и трофејот од Лигата на шампионите, кој е најголем успех во историјата на клубот од „Стемфорд бриџ“. Централниот дефанзивец има освоено и пет трофеи на Лига купот како и пехарот во Лигата на Европа. За Челзи има повеќе од 700 настапи.
Последниот професионален меч му беше во мај, кога Астон вила загуби со 1-0 од Фулам во финалето на плејофот од Шампионат лигата. Неодамна тој одби понуда да потпише за тимот на Спартак Москва, а сега реши дека е време за целосно да се повлече.