По очајната ланска сезона, англискиот првак од 2016 година, екипата на Лестер испадна од Премиер лигата. Во Чемпионшип, Лестер започна фуриозно и пред три месеци, тимот имаше дури 17 бодови повеќе од екипите кои беа на позиции што не носат сигурен пласман во Премиер лигата.
Во Лестер имаат девет од 10-те најплатени фудбалери во второто по ранг натпреварување во Англија, па таа доминација на Лестер и не беше случајна. Сепак, кога се очекуваше дека некогашниот првак рутински ќе го доработи првенството, се случи неверојатен пад во формата.
Лестер не само што сега нема комотна предност во однос на ривалите, туку воопшто не е ни прв на табелата. По синоќешниот пораз на гости кај Бристол, Лестер падна на третото место на табелата со 82 бодови, зад лидерот Ипсвич (84 бодови) и Лидс кој е втор со 83 бодови.
Во Премиер лигата директен пласман обезбедуваат најдобропласираните две селекции, а екипите од третото до шестото место играат плејоф. Уште седум кола остануваат во Чемпионшип, период во кој треба да се покаже дали Лестер ќе биде еден од најголемите губитници оваа сезона.