Селекторот на Шпанија, Луис Енрике, немаше негативни забелешки по поразот од Италија во првото полуфинале на ЕП, кое се одлучи во пенал-рулет во кој Аѕурите се покажаа како подобри изведувачи на „Вембли“.
Според Енрике, Црвената фурија имаше успешен настап на континенталниот турнир со самиот пласман до полуфиналето, каде што многумина не ги гледаа.
„Нема што да замерам, одигравме одлично Европско првенство. Шпанија луташе низ пустината цели девет години, но сега се врати. Горд сум на своите момци и целокупниот настап. Му се заблагодарив на Мората што ни даде можност да го сонуваме финалето, иако не стигнавме до таму. Сакавме да изградиме селекција на која нашите фанови ќе бидат горди и успеавме во тоа. Сега треба да научиме како да преболуваме вакви порази, а ќе го направиме тоа со кренати глави“, истакна шпанскиот селектор, а потоа додаде пофални зборови за младиот Педри.
„Дали видовте што правеше на теренот едно момче од 18 години? Какво првенство за него, ваков настап не сум видел ниту од Андрес Иниеста“, заврши Енрике.