Мислеа дека се непобедливи, но поразот од Челзи од 0-3 во финалето на Светското клупско првенство предизвика сериозни превирања во Пари Сен Жермен.
Раководството на клубот, по барање на тренерот Луис Енрике, веќе подготвува трансфер-офанзива, со план да доведе и до седуммина нови играчи ова лето.
ПСЖ минатата сезона ја освои Лигата на шампионите за првпат во својата историја, но финалето против Челзи јасно стави до знаење дека постојат и некои слабости.
Според „Л’Екип“, клубот нема планови да бара нов голман освен ако Џанлуиџи Донарума не си замине изненадувачки.
Во одбраната, ПСЖ сака двајца нови централни дефанзивци. Најчесто поврзувано име е украинскиот репрезентативец на Борнмут, Илја Забарни. Доколку Лукас Бералдо биде продаден, ќе се донесе и негова замена.
Парижаните исто така сакаат да ги зајакнат двете бековски позиции во одбраната, бидејќи во моментов немаат доволно сигурни резерви за Ашраф Хакими и Нуно Мендеш.
Жоао Невес, Витиња и Фабијан Руиз ќе ги задржат своите места во средниот ред, но клубот бара уште еден искусен играч кој настапува во тој дел од теренот.
Клубот ги истражува можностите и за доведување на еден нов напаѓач. Две имиња се приоритет: Виктор Осимен и Рафаел Леао.
До крајот на преодниот рок останаа малку повеќе од шест недели, а првиот официјален натпревар за ПСЖ во новата сезона е на 13 август, кога се игра финалето на Суперкупот на УЕФА против Тотенхем.