-10.2 C
Skopje
петок, 2 јануари 2026

По ремито против Лидс, Слот објаснува: Играме многу чесно

Точно на половина од првенството во Англија, Ливерпул има 12 бода заостанување зад лидерот Арсенал. Ливерпул синоќа на „Енфилд роуд“ ремизира против Лидс, играјќи 0:0. За првпат откако Арне Слот е тренер на Ливерпул, англискиот гигант на свој терен одигра без голови. Ливерпул сега има 33 бода, додека Лидс има 21 бод и е на 16-тото место на табелата.

Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, смета дека неговиот тим е жртва на нивната преголема чесност. Слот тоа го објасни со една ситуација која се случи на почетокот на средбата против Лидс, кога Хуго Екитике бил фаулиран од Џака Биџол, но не бил досуден пенал затоа што напаѓачот на Ливерпул не паднал во шеснаесетникот.

„Ако Екитике паднеше, најверојатно тоа ќе беше пенал за нас. Сепак, сезонава нашите играчи многупати беа фаулирани во шеснаесетникот, но немаше пенал. Нашите играчи се обидуваат да останат на нозе без да паднат и тогаш тешко е да интервенира ВАР-технологијата. Мислам дека не грешам и дека сезонава добивме само еден пенал во наша корист. Тоа е изненадувачки затоа што сме тим кој има најголема доминација во поседот на топката. Ова е фрустрирачки и секако дека не сме задоволни бидејќи не победивме. Сепак, тоа не е причината зошто не победивме против Лидс“, рече Слот.

Ливерпул имаше целосна доминација против Лидс. Со 69 отсто посед на топката, домаќините на „Енфилд роуд“ имаа дури 19 шута кон противничкиот гол, но само четири одеа во рамките на голот, што само покажува колку јалови биле нападите на актуелниот англиски првак.

- Оглас -

Најнови вести