Италијанскиот калчолигаш Болоња и официјално се пофали дека во новата сезона во своите редови ќе го имаат Федерико Бернардески. Некогашниот италијански репрезентативец доаѓа како слободен играч, откако пред неколку месеци се договори за раскин на договорот со Торонто, тим кој се натпреварува во американската МЛС.
Бернардески во Болоња ќе го носи дресот со бројот 10 и ќе биде една од главните ѕвезди во тимот.
Fede puts pen to paper ✍️#WeAreOne pic.twitter.com/I4ptVieCjH
— Bologna FC 1909 (@BolognaFC1909en) July 19, 2025
Искусниот 31-годишен офанзивец е четвртото засилување за Болоња во летниот преоден рок.
„Болоња ФК 1909 објавува дека трајно ги стекна правата врз Федерико Бернардески“, се вели во соопштението на веб-страницата на клубот.
„Добар во дриблинг, тој е играч со добра контрола на топката и брзина, со силен надворешен шут, меѓу најталентираните во својата генерација“, беа зборовите со кои Болоња го претстави поранешниот играч на Јувентус.
Бернардески почна да игра во Атлетико Карара пред да се пресели во Полиспортива Понцано и младинскиот тим на Фиорентина.
По искуството во Серија Б во Кротоне, тој се врати во Фиренца. Неговата најдобра сезона во однос на постигнати голови во Серија А беше 2016/17 со Фиорентина, кога постигна 11 гола, привлекувајќи интерес од Јувентус.
Тој играше во дресот на „бјанконерите“ пет сезони, пред да се пресели во Торонто во 2022 година. Во МЛС, тој стана најдобар стрелец на канадскиот клуб во една сезона. откако постигна 25 гола, пет повеќе од кој било играч претходно.
Бернардески играше за репрезентацијата на Италија од 2016 до 2022 година, а кога реши да замине во САД, го загуби репрезентативниот статус. Сега Бернардески се надева дека со враќање во Серија А ќе може да се врати и во националниот тим.