МЗТ денес (19 часот) против Сплит ќе се обиде да ја забележи 12-тата победа во второто по квалитет јадранско натпреварување. „Штрковите“ воедно ќе можат да влезат во серија од три победи во АБА2 лигата, што може да биде корисно за самодовербата на кошаркарите на Ѓорѓи Кочов. Еден од членовите на МЗТ, Џејмс Вудард, денес го слави својот 25-ти роденден, па победа над сплиќани ќе биде негов порадок од екипата.
Шесткратниот македонски првак воедно може да забележи двојна победа над Сплит бидејќи при првата овосезонска пресметка, која се одигра во СЦ „Јане Сандански“, МЗТ славеше со убедливи 104:87, а нешто слично очекува Кочов и денес.
„Дојдовме во град кој има оставено траен белег во европската кошарка, играме против клуб со огромна традиција. Иако екипата на Сплит сезонава се мачи со повреди на неколку важни играчи, тие и без нив покажаа дека можат да се надигруваат со секој противник. Наше е да излеземе на теренот максимално мотивирани и да се обидеме да ги искористиме сите слабости на противникот. Ако успееме во тоа, тогаш ќе можеме да совладаме еден крајно незгоден и квалитетен противник“, истакна Кочов.
„Секоја средба е посебна приказна, а дуелот против Сплит е шанса за нас да продолжиме во победнички ритам. Нема да биде лесно и нема да го потцениме противникот, а ако одиграме како што знаеме, тогаш ќе можеме да се вратиме дома со многу важни бодови во џебот“, посочи Андрија Бојиќ, центарот на МЗТ.
Еден од тројцата арбитри кои ќе ја делат правдата на денешниот дуел е Македонец, Сашко Терзиевски ја комплетира тројката судии заедно со Радош Савовиќ и Зоран Радуловиќ. Дуелот Сплит – МЗТ Скопје е закажан за 19 часот.