Почина поранешниот фудбалски судија Кировски Васил – Џери (1948–2026)

Кировски Васил – Џери своите први фудбалски чекори ги направи како играч на ФК МИГ, денешен ФК Скопје, каде што настапуваше до својата 21 година. Неговата љубов кон фудбалот и чувството за играта го насочија кон нов предизвик – судиската професија.

Заедно со својот соиграч и подоцнежен колега, фудбалерот и сојузен судија Ристо Бундалевски, се пријавува за судија во генерацијата регрутирана од Ѓоко Симоновски – Кинез и Атанас Петровски – Тоска, кои во тоа време важeа за едни од најдобрите теоретичари и познавачи на фудбалските правила во Македонија.

Неговата судиска кариера бележи брз и сигурен подем. Поминувајќи ги сите натпреварувачки рангови – од потсојузните лиги, преку меѓурегионалните натпреварувања, до Втората и Првата Сојузна Југословенска лига, каде што Џери се вброи меѓу најпочитуваните судии на својата генерација.

Особено се памети дерби-натпреварот што го судеше во Сплит во 1989 година, помеѓу екипите на големата Југословенска фудбалска четворка – Хајдук и Црвена ѕвезда (2:1), натпревар кој остана запаметен и по големите нереди што се случија по неговото завршување.

По осамостојувањето на Македонија, продолжи активно да суди и стана еден од водечките судии во Првата македонска фудбалска лига. И по завршувањето на својата богата судиска кариера, остана посветен на фудбалот, како судиски контролор, регрутер и ментор на новите генерации, пренесувајќи им го своето искуство и љубовта кон судењето.

Ќе остане запаметен како човек на теренот, но уште повеќе како човек кој живееше за фудбалот и судењето. Страст што продолжува да живее и преку неговите синови, Марјан Кировски, поранешен долгогодишен ФИФА асистент-судија и сегашен Републички судиски инструктор, и Христијан Кировски, поранешен македонски репрезентативец, а сегашен тренер.

Со својата стручност и посветеност, Кировски Васил – Џери остави траен белег во македонскиот фудбал и во судиската организација. Фудбалската федерација на Македонија изразува искрено сочувство до семејството Кировски.

- Оглас -

Најнови вести