Женската ракометна репрезентација на Македонија вечерва од 20.30 часот во унгарскиот град Дебрецин го почнува настапот на Европското првенство кое се игра во три земји, а противник ни е Шведска.
Швеѓанките се кандидатки за медал и важат за апсолутни фаворити во дуелот со избраничките на селекторот Кристијан Грчевски. Како што кажа и Грчевски, за Македонија најважно е да се собира искуство и да пробаме да ја победиме Турција во второто коло.
Европската ракометна федерација, ЕХФ, издвои седум ракометарки до 21 година на кои треба да се посвети внимание како идни ѕвезди, а една од нив е нашата Ива Младеновска.
Ива има само 17 години, а ова е нејзино веќе второ Европско првенство откако дебитираше преклани во Скопје на возраст од 15 години. Младеновска важи за еден од најголемите таленти во македонскиот ракомет во последната деценија.
„Почестена сум што ме ставија во таа група, среќна сум што така мислат за мене и се надевам дека ќе докажам дека се во право“, изјави Младеновска, која исто како и селекторот, смета дека против Турција имаме најголема шанса за победа.
Според квотите во Sport Life, Македонија е најголемиот аутсајдер во првото коло, квотата за победа над Шведска е дури 51.0.