Со натпреварот помеѓу Шкупи и Фени индустри, кој стартува во 13 часот, почнува третото коло во првата македонска кошаркарска лига. За чаирчани, ова е прв домашен меч сезонава во „Шабан Трстена“, па затоа клубот мораше да исполни некои услови за да му биде дозволено да игра таму.
Едно од барањата беше да се постави заштитен тунел за играчите да можат безбедно да го напуштат теренот и да заминат во соблекувална. Управата на Шкупи го реши тој проблем и гостите не треба да се плашат од непријатности.
Освен мечот Шкупи-Фени, на кој кавадарчани се фаворити, бидејќи имаат и тројца странци за разлика од чаирчани кои немаат ниту еден, денеска се играати дуелите Вардар – МЗТ Скопје Аеродром (17 часот), Работнички – Кожув (18) и Блокотехна – Пелистер (18.30). Колото ќе се затвори утре со битката на АВ Охрид и Куманово од 17.30 часот.