Во реприза на последното финале од Лигата на шампиони, Реал Мадрид со голем пресврт ја победи Борусија Дортмунд со 5:2. Германскиот тим водеше на полувреме со 2:0, но Реал во вториот дел постигна дури пет погодоци.
Творец на овој фантастичен пресврт беше Винисиус јуниор, кој постигна три гола. Бразилецот едноставно беше незадржлив, а тоа посебно се покажа во 86 минута кога даде гол за 4:2. Винисиус прифати една топка покрај аут линијата на околу 30-тина метри од голот на Реал и тргна во напад.
Претрча речиси 70 метри, помина неколку противнички играчи и на крајот постигна одличен погодок. Со овој настап, Бразилецот потврди зошто е главен фаворит за освојување на Златната топка, а тоа го мисли и тренерот на Реал, Карло Анчелоти.
„Ретко кој може да одигра вака едно полувреме. Не го кажувам тоа затоа што даде три гола, туку затоа што покажа карактер. Ќе ја освои Златната топка. Не поради тоа што го покажа на овој меч. Овие три гола му се подготовка за Златната топка што треба да ја освои и следната сезона“, рече Анчелоти по мечот.