Во пресрет на реваншот во четвртфиналето од Лигата на шампионите, предводникот на Тотенхем, Маурисио Покетино, смета дека неговата екипа може да ја задржи минималната предност од 1-0 од првиот меч и да обезбедат пласман во следната фаза. Аргентинскиот стратег притоа се согласи со Роналдињо – легендарниот Бразилец изненади со изјавата кога го истакна Тотенхем како конкурент за престижниот пехар.
Самодовербата е на високо ниво, но не само кај „петлите“, и Пеп Гвардиола смета дека Сити може да се најде меѓу најдобрите четири екипи во Европа.
„Роналдињо е човек кој многу добро го разбира фудбалот. Ако тој верува во нас дека можеме да ја освоиме Лигата на шампионите, тогаш веруваме и ние. Зошто да не? Во фудбалот сешто може да се случи. Дадовме сè од себе да победиме на домашен терен, но сега нè очекува уште по тешка задача“, истакна Покетино.
Дуелот Манчестер сити – Тотенхем на „Етихад“ е закажан за утре, со почеток од 21 часот.