Политичарите притискаат Белорусија да биде исфрлена од квалификациите за ЕП 2024, Чеферин им порача: Не се мешајте

Александер Чеферин им порача на политичарите да не се мешаат по барањето на германската министерка за внатрешни работи на Германија, Нанси Фејзер, и Белорусија да биде исклучена од фудбалските квалификации за ЕП 2024 кое ќе го организира токму Германија.

„Малку е популистички да се бара такво нешто. Во овој момент нема причина за такво нешто, но ако има промени, ќе реагираме. Им порачувам на политичарите да не се мешаат во одлуки што не се во нивниот домен на работа. Треба да нè почитуваат повеќе. Ние како луѓе од спортот не им се мешаме во нивниот домен на работа“, порача првиот човек на УЕФА.

Белорусија е под закани како деклариран сојузник на Русија во војната против Украина, но засега само Русите се исклучени од квалификацискиот циклус и нема да учествуваат на шампионатот во 2024 година.

Белорусија на ждрепката пред три дена се падна во група со Швајцарија, Израел, Романија, Косово и Андора.

Двете првопласирани репрезентации ќе играат на Европското првенство во Германија за две години, а Белорусите сите мечеви како домаќини ќе мора да ги играат на неутрален терен.

 

- Оглас -

Најнови вести