Хенрих Мхитарјан одамна знаеше дека ако неговиот Арсенал стигне до финалето на Лига на Европа, тој лично нема да може да настапи во битката за трофејот. Мхитарјан не е повреден, не е ниту суспендиран, но на 29-ти мај нема да игра поради политички причини.
Мхитарјан во двата полуфинални меча против Валенсија одигра 45 минути, па неговото неиграње и нема да биде преголем хендикеп за „топчиите“, но за него сигурно ќе имаше место во авионот за Баку, доколку не беше политиката.
Родната земја на Мхитарјан, Ерменија, и државата во која ќе се игра финалето на ЛЕ, Азербејџан, ги имаат раскинато сите дипломатски односи после војната во областа Нагорно Карабах. Влезот во Азербејџан е забранет за сите државјани на Ерменија. УЕФА најави дека ќе го поддржи Арсенал во барањето виза за својит играч, но конечна одлука носи азербејџанската влада.
Мхитарјан сезонава веќе еднаш остана во Лондон поради истиот проблем. Арсенал беше во група со Карабах, и тренерот Унаи Емери и тогаш беше лишен од можноста да го користи Ерменецот.