15.8 C
Skopje
вторник, 30 септември 2025

Полски ММА борец се предаде во првата секунда (Видео)

На настанот „Бабилон ММА 54“ во Полска, тешкашот Марчин Солтишик го предаде својот меч против Јацек Кујтовски веднаш штом судијата даде знак за почеток на борбата.

Овој необичен потег предизвика шок, а полскиот борец набрзо објави соопштение во кое детално ги објасни причините за потегот, нагласувајќи дека не станува збор за слабост, туку за чин на протест.

„Не беше слабост, туку свесен бунт. Тоа беше бунт против лажговци и манипулатори кои тврдат дека се мој тим, а всушност ги третираат своите борци како алатки за сопствена корист. Намерно сакаа да бидам неподготвен и лесно победлив. Не им е гајле за спортот, страста или посветеноста – само за парите. Се обидоа да ме претворат во топовско месо, исто како што правеа со другите претходно. Нема да бидам продаден“, порача Солтишик, кој им се извини на својот противник и на навивачите.

„Противникот немаше никаква врска со ова, имам многу почит кон него. Јас лично му се извинив во октагонот. Им се извинувам и на навивачите, ми се крши срцето и ми надојдоа солзи на очите, но не можев да се воздржам. Достоинството и честа се над сè“, напиша тој.

Праксата тимовите да доведуваат неподготвени борци, таканаречени „топовско месо“, за да ги пополнат настаните, за жал, не е нова во боречките спортови. Сепак, ретко се случува борец да го изрази својот протест на овој начин, откако веќе ќе влезе во кафезот.

- Оглас -

Најнови вести