-2.2 C
Skopje
понеделник, 29 декември 2025

Поминаа 12 години од скијачкиот инцидент на Шумахер, 12 години молк за неговата состојба

Денеска се навршуваат 12 години од трагичната несреќа во која на Михаел Шумахер засекогаш му се промени животот.

Седумкратниот шампион во Формула 1 имаше сериозен пад на главата додека скијаше на француските Алпи, по што легендата на мотоспортот исчезна од јавноста, а сè уште нема информации за неговата состојба, тоа се чува како најстрога тајна.

Шумахер е единствениот возач кој освоил пет последователни светски титули. Ги држи рекордите и според најмногу победи со еден тим, најмногу титули со Ферари и најмногу трки како лидер во светскиот шампионат. Со години неговото име е синоним за доминација и беспрекорна подготовка. Тој исто така имаше две титули и со тимот на Бенетон.

Од сериозната несреќа во декември 2013 година, грижата за Михаел Шумахер ја презеде првенствено неговата сопруга Корина, која строго ја заштитува приватноста на семејството. Информациите за неговата состојба се максимално ограничени, а роднините ја нагласуваат потребата од дискреција и почитување на приватноста.

Според германските медиуми, Шумахер не е во можност да зборува и му е потребна постојана медицинска нега, целосно е зависен од тим старатели кои се грижат за него во неговиот дом во близина на Женева, под надзор на неговата сопруга.

И покрај неговата сериозна состојба, има и мали позитивни знаци – како што е потпишување кацига за добротворна организација. Некои извори известуваат дека тој може да комуницира само со очите, што медицински се смета за форма на минимална интеракција.

Долгогодишни пријатели и некои личности од Формула 1 признаваат дека фановите веројатно никогаш нема да го видат јавно.

- Оглас -

Најнови вести