Денеска се навршуваат точно 25 години од денот кој влезе во историјата на фудбалот по неверојатниот потег на голманот Рене Игита. На пријателскиот меч помеѓу Англија и Колумбија, по нафрлувањето на Џејми Реднап, Игита ја направи славната „скорпија“ која е најатрактивната и најлуда одбрана во историјата на фудбалот.
На трибините на „Вембли“ имаше само 20.000 гледачи, Англичаните беа разочарани откако нивната селекција не се пласираше на СП 1994, но тие дваесетина илјади се среќници во живо го видоа култниот момент.
По центаршутот на Реднап, помошниот судија крена знаменце сигнализирајќи дека е офсајд, но главниот судија не забележа и играта продолжи, па ако ексцентричниот Игита примеше гол, погодокот веројатно ќе важеше. Игита можеше топката лесно да ја прифати во своите раце, но тоа не беше во негов стил. Тој преферираше да се фрли нанапред и топката да ја исфрли со петиците на нозете кои му беа позади.
Позата на Игита потсетуваше на скорпија која удира со својот опаш. Тајмингот му беше перфектен и сето тоа изгледаше феноменално, зачудувајќи ги сите. Мечот заврши 0-0.
„Децата беа моја инспирација. Ги гледав на улица или во парк како се обидуваат да шутна со ножички, а јас им велев дека добро би било да го направат тоа наопаку. Тој ден во Лондон кон мене одеше идеална топка за таков удар, и го искористив моментот кој го чекав пет години“ – изјави подоцна Игита.
Игита во кариерата даде 7 гола за репрезентацијата на Колумбија, но неговата ексцентричност на фудбалскиот терен имаше и лоши моменти, како на СП 1990 во осминафиналето против Камерун кога дриблаше во близина на центарот, а топката му беше одземена и прими гол кој ја елиминираше Колумбија од Мундијалот.
Сепак, прва асоцијација за Игита е „ударот на скорпијата“: