И со ВАР-технологијата на помош, повторно судиските одлуки се главна тема од првото Ел Класико сезонава меѓу Барселона и Реал Мадрид. Кралскиот клуб со 3:1 победи на „Камп ноу“, а клучен момент беше пеналот за гостите во 61-вата минута.
Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, падна во шеснаесетникот на Барселона, а судијата првично покажа дека треба да биде гол-аут. Сепак, по реакција од арбитрите во ВАР-собата, главиот судија реши да гледа повторена снимка, а потоа одлучи да досуди пенал за гостите.
Непосредно пред да покаже на белата точка, главниот судија Мартинес Мунуери добил сугестии од помошникот во ВАР-собата дека Рамос бил тој што прв влечел и направил фаул над Ленгле. „Рамос е виновен, Рамос е виновен“, викал помошниот судија, според тоа што го пренесува радиото Кадена СЕР.
И покрај тие сугестии од помошникот, главниот делител на правдата сепак одлучи да досуди пенал за Реал. Рамос погоди за 2:1, а пред самиот крај на средбата, Лука Модриќ ги постави конечните 3:1 за Реал.