Напаѓачот Боби Адекање има неверојатна низа на клубови гиганти во кои ја градеше кариерата, а Нигериецот со холандски пасош сега ќе се обиде да го потврди раскошниот талент во Гоу ахед иглс.
Адекање има 23 години и почна во младинската школа на Ајакс, која е една од најпознатите во светот на фудбалот. Потоа продолжи во „Ла Масија“, исто така позната фудбалска академија на Барселона, а беше член во младинските категории и на Ливерпул и на ПСВ Ајндховен.
Како сениор играше за Лацио и има 11 настапи со еден постигнат гол, а потоа беше на позајмица во шпанскиот Кадис, во Ден Хаг во Холандија и во Кротоне во Серија Б во Италија.
Во 2015 година Барселона мораше да го продаде Адекање на Ливерпул бидејќи ФИФА ги казни Каталонците за непочитување на правилото за забрана на ангажман на малолетни играчи.
Барса доби едногодишна суспензија за трансфери и плати 320 илјади евра.
На младиот фудбалер Гоу ахед иглс ќе му биде вкупно деветти клуб, а потпиша двегодишен договор.