САД во следниот период ќе бидат домаќини на две големи натпреварувања кои ќе се одржуваат речиси во исто време. Во сабота започнува Светското клупско првенство, додека еден ден подоцна по македонско време ќе започне и Голд купот, првенството на Северна и Централна Америка и Карибите.
Додека од ФИФА сè уште нема никаква реакција, од КОНКАКАФ веќе се загрижени за безбедноста на учесниците на Голд купот поради нередите во Калифорнија, односно во Лос Анџелес, градот во којшто треба да биде отворено првенството со мечот на Мексико и Доминиканската Република.
„Безбедноста на сите учесници, навивачите и фудбалерите е приоритет на Конфедерацијата. Ќе продолжиме активно да ја следиме состојбата додека работиме на организација на турнирот од светска класа. Сакаме сè да мине во најдобар ред, да го истакнеме најдоброто од спортот во нашиот реион во пријатно опкружување за сите почнувајќи од сабота и отворањето во Лос Анџелес“, велат од КОНКАКАФ.
Медиумите во Северна Америка веќе се загрижени дека може да дојде до одложување на првенството или пак презакажување на натпреварите кои треба да се играат во Калифорнија.
На првенството ќе учествуваат најдобрите репрезентации од Северна и Централна Америка и Карибите, но и селекцијата на Саудиска Арабија како специјален гостин.