Вечерашнот дуел на Палмеирас и Челзи ќе биде посебно интересен поради фактот што ѕвездата на бразилскиот тим, Вилијан Естевао, познат како Месињо (малиот Меси), наскоро треба да им се приклучи на Сините од Лондон.
Естевао од втората половина на јули ќе почне да игра за Челзи, но сега уште е во Палмеирас и во зелениот дрес ќе се бори за титулата на Светското клупско првенство. За да успее, 18-годишникот ќе мора прво да го елиминира англискиот клуб со кој има договор.
Тренерот на Палмеирас, Абел Фереира, се надева дека Естевао ќе помогне да го победат Челзи.
„Додека тој е уште со нас, целосно ги исполнува сите задачи. После Светското клупско првенство, ќе биде слободен да оди во Челзи. Дотогаш, ќе дава максимум за нас, а нема подобар начин да се прости од освојување на ова клупско СП. Се надевам дека ќе го покаже најдоброто од себе и во Челзи да ги видат неговиот потенцијал и квалитет. Ова е шанса за него“, изјави Фереира.
Естевао уште нема гол или асистенција на СКП, можеби токму против неговиот Челзи ќе покаже што знае.