Македонската фудбалска репрезентација загуби со 2:0 од Украина во Прага, во дуел од шестото коло во квалификациите за ЕП 2024 година. По овој пораз, Македонија остана на седум бодови од шест меча, додека Украина сега е со 10 бодови од исто толку дуели. Во нашата група вечерва игра и Италија дома против Малта, а Аѕурите со победа би имале 10 бода од пет дуели.
Неверојатно возбудлив и полн со шанси беше дуелот во Прага, а на крајот еден момент го одлучи победникот. Судаков погоди од 20-тина метри по точно 30 минути игра. Во последните моменти од дуелот Караваев погоди за 2:0 за да Украина остане во трка за ЕП 2024, но и да ги згасне шансите на Македонија.
Освен двата гола, Украина имаше многу шанси, но благодарение на неколкуте неверојатни одбрани на Столе Димитриевски, нашата мрежа не се затресе по втор пат. Во првото полувреме Димитриевски со своите одбрани спаси две стоостотни шанси на Украина, а во вториот дел имаше уште три супер одбрани.
Прво го спречи Мудрик да погоди од близина, потоа во 82 минута го одбрани ударот на Судаков од далечина, а во 86 минута беше поуспешен и од Јаремчук. Во последните моменти од дуелот, Караваев го надмутри истрчанот Димитриевски и од далечина ја погоди празната мрежа за 2:0 и точка на мечот.
И Македонија имаше свои шанси за гол, но за жал ниту една не реализираше. Миовски, Ашковски и Барди не погодија во првиот дел, а во второто полувреме најдобрата шанса ја имаше Дарко Чурлинов, но и голманот на Украина покажа одличен рефлекс и спаси сигурен погодок.