Ракометарките на актуелниот шампион на Македонија, Ѓорче Петров, обезбедија пласман во четвртфиналето на Европскиот куп, откако вечерва загубија минимално на гостувањето во Чешка, од екипата на Лазне Кинжварт со 34-33.
Овој пораз за „лавиците“ од Ѓорче е со вкус на победа, бидејќи на првиот меч кој се одигра во Скопје, нашиот шампион победи со 32-29.
Успехот на Ѓорче Петров е уште поголем ако се знае дека во екипата настапуваат исклучиво македонски ракометарки, без ниту една интернационалка, а од клупата се предводено од поранешниот селектор на женската репрезентација, Симе Симовски.
За Ѓорче Петров поразот од екипата од Чешка е прв оваа сезона воопшто во сите натпреварувања, бидејќи во македонското првенство се лидери без пораз, а на европска сцена до вечерва имаа пет победи на исто толку натпревари.