Португалија ги декласира Унгарците во дербито, Шведска како да игра кошарка, а не ракомет

Ракометната репрезентација на Португалија славеше со дербито на денот со 27:20 над Унгарија во рамките на групата Д.

Ова претставуваше дуел за првото место, Унгарија по две кола имаше две победи, но вечерва не можеше да им се спротивстави на расположените Португалци, кои само по 16 минути игра имаа неверојатни 10:2. Тие големата предност ја одржуваа до крајот на средбата и славеа со седум гола разлика.

Кошта со шест гола беше најефкасен кај Португалија, додека Бодо даде пет за Унгарија. На крајот победата од седум гола разлика им го донесе првото место на Португалците, и тоа поради подобра гол-разлика.

Португалија, Исланд и Унгарија имаат по четири бода во групата Д, но Поругалците имаат плус три во меѓусебните дуели и го освоија првото место. Втор е Исланд, кој има плус два, додека Унгарија иако имаше две победи во првите две кола, на крајот заврши како третопласирана. Дерби-пресметката ја судеше најдобрата македонска судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

Коорганизаторот на СП, Шведска, со неверојатни 47:12 славеше во дуелот со Уругвај во рамки на групата Ц. Швеѓаните одиграа фуриозни 60 минути и на Уругвајците им дозволија да дадат само 12 гола за 60 минути игра, осум во првото и само четири во второто полувреме. Блескаа Јохансон со 11 и Ване со 10 постигнати гола.

Убедлив настап имаше уште еден фаворит за медал, Шпанија која со 35:22 го совлада Иран и настапите во групата А ги заврши со максимални три победи.

Во директната пресметка за третото место во групата Б и патникот во следната фаза, Полска, со 27:24 ја победи Саудиска Арабија.

- Оглас -

Најнови вести