5.8 C
Skopje
недела, 18 јануари 2026

Португалците се плашат од Митревски, но веруваат дека нашиот голман нема да биде одлучувачки фактор

Со 40 години, Никола Митревски е најстариот ракометар на Македонија на ова Европско првенство. Ветеранот многу пати досега се покажал како клучен за успесите на Македонија, па се надеваме дека така ќе биде и денеска.

На првиот меч против Данска, Митревски не беше во составот, но се очекува денеска да биде еден од нашите главни адути. Тоа е така, затоа што покрај искуството, Митревски најдобро ги познава португалските ракометари. Голманот помина дури шест години бранејќи во Португалија за екипите на Бенфика (две години) и Порто (четири години).

И Португалците знаат дека Митревски може да биде нашиот адут. Леонел Фернандеш кој има 27 години, вели дека токму Митревски со кој беше соиграч, имал позитивно влијание во градење на неговата кариера.

„Чест ми беше да бидам соиграч со Никола Митревски. Тој е еден од оние луѓе кои влијаеле на мојата кариера на одреден начин. Без сомнение, тој е најпортугалскиот Македонец што постои и многу добро ги познава некои од играчите тука. Тоа може да биде предност бидејќи тој нè познава, но чувствувам дека не е баш одлучувачки фактор во играта, вели Фернандеш.

Португалскиот репрезентативец потенцира дека и за нив овој меч е клучен околу тоа дали ќе ја поминат групната фаза. Португалија во првото коло ја победи Романија и ако успее да слави над Македонија ќе го визира местото во главната фаза.

„Во оваа група, каде Данска е главен фаворит сите сме фокусирани да победиме на останатите два меча. И ние како и тие сме во иста ситуација, мора да победиме. Ова е натпревар што со победа имаме загарантиран влез во главната рунда. Натпреварот има иста важност за двата тима и ние сме целосно свесни за тоа. Навистина не сакам да гледам на работите од гледна точка на тоа да бидеме фаворити. Мислам дека може да биде погрешно, може да нè излаже. Чувствувам дека имаме поголема одговорност да победиме, но тоа мора да го покажеме на теренот“, додаде португалскиот репрезентативец.

Македонија на стартот беше поразена од Данска, додека пак Португалија тргна со победа, ја совлада Романија.

- Оглас -

Најнови вести