По комплетирањето на 20 коло во Прва фудбалска лига на Македонија реагираше Дисциплинската комисија која одлучи да поведе постапка против тимот на Шкендија за лоша организација на дуелот во Тетово, против тимот на Пелистер.
Дуелот кој во понеделникот се играше во Тетово заврши со победа од 2:1 на Шкендија, но во записникот по мечот беа констатирани сериозни забелешки за организацијата на овој натпревар. За „третото полувреме“ на дуелот во тетово повеќе може да прочитате ТУКА.
Во одлуката на ФФМ се потенцира:
– Се поведува дисциплинска постапка против ФК Шкендија за натпреварот од 20. коло помеѓу ФК Шкендија и ФК Пелистер, поради слаба организација. Во текот на натпреварот од страна на домашната публика биле фрлани метални пари, запалки и пластични шишиња на теренот. Четвртиот судија бил погоден со запалка и метални пари, а кон него бил фрлен и скалпер, кој паднал во негова близина.
По завршувањето на натпреварот, кога судиската четворка се упатила кон соблекувалните, повторно биле фрлани предмети кон нив. Исто така, неслужбено лице влегло на теренот и вербално ги нападнало судиите. Откако судиската четворка влегла во службените простории, истото лице ги следело, навредувало и се обидело физички да се пресмета со нив.
– Баже Илијоски, тренер на ФК Македонија Ѓ.П., се казнува со забрана за вршење функција во траење од еден месец.
– Дејан Лескароски, тренер на ФК Струга Трим Лум, се казнува со забрана за вршење функција во траење од еден месец.
– Филип Тодороски, фудбалер на ФК Кожуф, се казнува со забрана за настап на два натпревари.
– Мартин Богданоски, фудбалер на ФК Новаци, се казнува со забрана за настап на два натпревари.

