Точно уште една недела останува до завршниот турнир од НЛБ АБА2 лигата, кој од 13 до 17 април ќе се игра во Скопје, а домаќин ќе биде МЗТ Скопје Аеродром. Македонскиот првак ќе се обиде конечно да се врати во елитната АБА 1 регионална лига, каде што до пред некоја година беше редовен учесник.
Од МЗТ Скопје Аеродром одлучија продажбата на картите за сите средби да оди преку фондацијата „Марко Божиновски“, а потоа собраните финансиски средства да бидат пренасочени онаму каде што е најпотребно. На тој начин кошаркарскиот првак, заедно со општина Аеродром, уште еднаш ќе му оддадат почит на кадетскиот и јуниорски ракометен репрезентативец на Македонија, но и голем навивач на МЗТ Скопје Аеродром, кој ненадејно почина пред 10 месеци.
Планирано е да има блок билет, кој ќе чини 300 денари и ќе важи за целиот турнир, како и поединечен билет за секој натпревар по цена од 100 денари. Цените се симболични, но доволни од целиот турнир да се собере солидна вкупна сума, која и тоа како ќе биде помош за тие на кои им е неопходно, а на кои ќе им биде пренасочена од луѓето од фондацијата „Марко Божиновски“.
Продажбата на билетите почнува в четврток (7 април), а ќе може да се купат преку интернет-сајтот www.mktickets.mk, преку продажните места на МК Тикетс во Скопје и низ целата Македонија, како и на билетарата пред спортскиот центар „Јане Сандански“.