Кошаркарската мшка А репрезентација на Македонија со поразот во Солнок од Унгарија со 58-96, речиси си ја затвори вратата од квалификациите за Светското првенство.
Поразот е очекуван, домашните беа големи фаворити и ја оправдаа улогата, користејќи ги своите предности, но разликата е преголема и не ни дава надеж дека може да направиме чудо и да се најдеме на некое од првите две места во групата.
Првата четвртина им припадна на Унгарците со минимални 19-18, а потоа дојдоа кошмарни неколку минути на стартот на вториот квартал во кои домашните направија серија од 16-0 за убедливи 35-18 и победникот уште тогаш можеше да се насети.
Македонската репрезентација не водеше во ниту еден момент од средбата во Солнок и тоа ја потврдува немоќта на младиот состав на Марјан Илиевски. Овој наш тим требаше да го краси борбеност и одбрана, но Унгарија во првото полувреме даде 53 поени, а продолжи да решета и во вториот дел.
Џејкоб Вајли беше најефикасен со 15 поени, но имаше и само два скока. Магдевски уфрли 11, а Симиќ 10 поени. Со само 6 тројки од 33 обиди (Унгарците беа феноменални во шутот со 15 тројки од 26 обиди), и 14 скока помалку од противникот, невозможно беше да се стори нешто повеќе.
Сега на 13-ти август следува гостува кај Романија од која загубивме во Куманово, а Романците изненадија и на својот втор меч кога ја победија Унгарија, па тие се лидери на табелата по две комплетирани кола.