Потоп во Лондон: ВБА со „петарда“ му ја честиташе на наградата на Тухел за менаџер на месецот (видео)

По 14 натпревари без пораз во сите натпреварувања, Томас Тухел го претрпе првото разочарување откако ја презеде клупата на Челзи, откако ВБА направи сензација во Западен Лондон со големата победа од 5-2.

Вест Бромвич првпат од 1978 година успеа да слави на „Стемфорд бриџ“, па со четири парчиња во мрежата на Менди, му ја честиташе наградата на Тухел, кој беше избран за менаџер на месец март во Премиер лигата. Челзи прими двојно повеќе погодоци (5) во овој дуел, отколку што прими во претходните 14 меча во сите натпреварувања (2).

Иако Пулишиќ во 27-та минута ја отвори средбата и најави дека ќе биде уште еден рутински меч за Сините, се случи големо изненадување. Две минути подоцна Тијаго Силва беше исклучен од мечот откако заработи два жолти картони, а во судиското надополнување од првиот дел гостите стигнаа до пресврт од 2-1 со погодците на Переира.

Целосен потоп им се случи на домаќините по еден час игра. Робинсон ја продолжи традицијата и го заби својот четрвти гол во Премиер лигата, сите против тимот од „Стемфорд бриџ“, зголеми на 3-1 во 63-тата минута, а само пет минути подоцна и Дијање се запиша во листата стрелци користејќи ја некоординираната одбрана на Челзи.

За момент тимот на Тухел се врати во игра преку Маунт кој намали на 2-4, но до крајот Челзи со 10 играчи немаше сили да избегне големо разочарување, кое беше уште потешко по петтиот гол на ВБА во 91-та минута од страна на Робинсон.

Челзи сега ќе се тресе за четвртото место на кое стои со 51 бод, а го напаѓаат Вест хем со 49 и Тотенхем со 38 бода, додека ВБА остануа на 19-тото место со 21 бод по 30 натпревари.

- Оглас -

Најнови вести