Потврдено: Федерер ќе атакува на 21-та гренслем титула

Роџер Федерер дефинитивно ќе ја стартува новата тениска сезона со учество на Отвореното првенство на Австралија, потврди извршниот директор на гренслем-турнирот, Крег Тајли. Рекордерот по број на гренслем титули ќе атакува на 21-виот голем пехар во својата кариера, по што ќе го оствари својот камбек по точно една година.

Федерер последно играше на ОП на Австралија на почетокот од 2020 година, кога во полуфиналето загуби од подоцна шампионот Новак Ѓоковиќ, а потоа му беше направена операција на коленото и мина низ долга рехабилитација.

„Федерер потврди дека ќе игра во Мелбурн, исто како и Серена Вилијамс, која ќе го напаѓа рекордот на Маргарет Корт од 24 гренслем титули. Нè охрабрија успешно одржаните првенства во САД и сега во Франција, го следиме нивниот пример и се надеваме на успешно одржување на австралиското отворено првенство“, посочи Тајли.

Најавено е дека на ОП во Мелбурн ќе има ограничен број на публика, односно трибините ќе бидат исполнети до 50% од капацитет.

- Оглас -

Најнови вести