На Македонија ѝ треба една вредна победа да се врати на победничкиот колосек со генерацијата што ни донесе многу радост и успеси и настап на Европско првенство и меч во финален бараж за Светско првенство.
Темни облаци се надвија над националниот состав по поразот од Грузија на домашен терен со 0:3 во слабо издание, а сега, пред вториот дуел со оваа селекција, овојпат во Тбилиси има многу повреди и откази во националниот тим.
За главниот град на Грузија на клучниот дуел за првото место во нашата група од Сегментот Ц во Лигата на нациите нема да патуваат Дарко Чурлинов, капитенот Стефан Ристовски, големиот борец Аријан Адеми и Ваљон Етеми, кој игра во одлична форма во Турција.
Сите пријавија повреди и немa да настапат на „Динамо арената“ во Тбилиси на 23 септември од 18 часот.
Ни одговара само победа, и тоа убедлива со три или повеќе голови разлика за да се надеваме на подвиг и прво место.
Сè останато ја остава Грузија на челната позиција и Македонија во истиот Сегмент Ц и за следниот циклус во Лигата на нациите.
На две кола до крајот на овој циклус, Грузија е прва со 10 бода, Македонија има 7, Бугарија 3 и Гибралтар еден бод.
Во последното коло Македонија на 26 септември ќе ѝ биде домаќин на Бугарија, а Гибралтар ја чека Грузија.
Во случај на ист број бодови за првото место во групата одлучува меѓусебниот биланс, а Грузија има уверлива победа од 3:0 против Македонија во Скопје на 9 јуни оваа година.