Европската фудбалска куќа (УЕФА) призна дека била направена техничка грешка при извлекувањето на паровите за осминафиналето во Лигата на шампиони во 12 часот, па затоа одлучи да се повтори целиот процес.
Целиот проблем се случи кога беше извлечен парот Вилјареал – Манчестер јунајтед, а тоа не беше возможно затоа што тие две екипи играа меѓу себе во групната фаза. Потоа Вилјареал го доби Манчестер сити за противник, но по направените консултации, веќе бил прекршен правилникот при ждрепката. Вториот прекршок е тоа што кога Атлетико Мадрид требаше да го добие својот противник, во садот не беше ставено топчето со Манчестер јунајтед.
Новата ждрепка која сега е и официјална за осминафиналето во Лигата на шампионите го донесе дербито меѓу ПСЖ и Реал Мадрид. Тоа значи дека Лионел Меси повторно ќе се врати во Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“. Непосредно пред втората ждрепка, од Реал побараа тие да не го менуваат својот прв противник а тоа беше Бенфика, како да знаеја дека ќе ги очекува многу потежок ривал.
Второто големо дерби е меѓу Интер и Ливерпул, додека овојапт Баерн Минхен имаше среќа и го доби Салцбург за ривал.
Првите мечеви од осминафиналето ќе се играат на 15, 16, 22 и 23 февруари, а возвратните мечеви ќе се играат на 8, 9, 15 и 16 март. Финалето во ЛШ оваа сезона ќе се игра во Санкт Петербург на 28 мај 2022 година.
Двојки за осминафиналето во ЛШ:
Салцбург – Баерн Минхен
Спортинг – Манчестер сити
Бенфика – Ајакс
Челзи – Лил
Атлетико Мадрид – Манчестер јунајтед
Вилјареал – Јувентус
Интер – Ливерпул
ПСЖ – Реал Мадрид