Неизвесноста за тоа дали и кога би можела да продолжи англиската Премиер лига, ќе продолжи барем до 7 мај. Тоа е датумот кога властите во Англија треба да разговараат дали ќе продолжат ригорозните мерки во земјата или дали ќе има олабавување во кое ќе биде вклучено и дозволата за играње на фудбалски мечеви.
Доколку биде дозволено да се игра фудбал, што е и очекувано да биде одлучено, веќе е направен план за распоред на тоа како треба да одат работите. Фудбалерите на тренинг би се вратиле на 11 мај, а веќе од 18 мај клубовите ќе започнат со нормални тренинзи.
Рестартот на Премиер лигата треба да биде на 8 јуни. Во англиското првенство досега се одиграа 29 кола по кои Ливерпул е апсолутен лидер со 82 бодови, дури 25 повеќе од второпласираниот Манчестер сити, кој има и меч помалку. Ливерпул треба да освои уште шест бода до крајот на шампионатот за и официјално да биде прогласен за првак. Гигантот од „Енфилд роуд“ цели 30 години чека да се израдува на титулата во домашното првенство.

