Ракометната репрезентација на Македонија во јануари ја очекува настапот на Европското првенство во Германија, а веќе е познат и „возниот ред“ по кој ќе се одвиваат подготовките.
Првиот собир на репрезентативците е закажан за 20 декември во Скопје. Тогаш ќе биде и објавен скратениот список на ракометари кои ќе бидат дел од подготовките, а веќе на следниот ден, на 21-ви, репрезентацијата се сели во соседна Србија, односно во Стара Пазова.
Таму ќе го одиграме и првиот контролен натпревар, и тоа против селекцијата на Црна Гора, која слично како и ние, ќе се подготвува за настапот на континенталниот собир. Дуелот против Црна Гора планирано е да се одигра на 29 декември, по што ќе следува враќање во Скопје и мал одмор за репрезентативците за новогодишните празници.
Подготовките продолжуваат на вториот ден од новата година, а на четврти и петти јануари ќе одиграме и два тест-меча против Грција во Скопје, противник против кого игравме и во ноемврискиот прозорец, но во Солун.
Македонија на Европското првенство е во исклучително силна група со домаќинот Германија, потоа Франција и Швајцарија. Првенството го отвораме со дуел во Дизелдорф на 10 јануари против Франција, на 14-ти ќе се сретнеме против домаќинот Германија, а групната фаза завршува на 16 со дуел против Швајцарија.