Украинската скокачка во вода, Софија Лискун, го прифати руското државјанство и предизвика хаос, со оглед на односите и воениот конфликт во кој се двете земји.
Таа рекла дека нејзината одлука се должи и на „неспособноста на тренерите“ и „сфатила дека не пораснала во Украина“.
Лискун е родена во Луганск во 2002 година, има 12 освоени медали на Светските и Европските првенства со украинската репрезентација. Таа, исто така, двапати ја претставуваше Украина на Олимписките игри. Последен пат таа се натпреваруваше под украинско знаме во јули годинава.

Украинскиот учесник на Олимписките игри во 2018 година, Владислав Гераскевич, ја критикуваше Софија велејќи дека „судејќи според интервјуто, има некаков вид ментални проблеми од страна на спортистката“ и дека тоа што го направила е одвратно, гнасно, срамно.
Претседателот на олимпискиот комитет на Украина постапките на Лискун ги нарече предавство и истакна дека бил непријатно изненаден бидејќи таа има проукраински став.
Токму на оваа тема пишуваат и руските медиуми. Во јули 2022 година Лискун даде интервју во кое даде непријатни коментари за руските спортисти.
„Русите отсекогаш биле несакани од сите, без оглед на конфликтот меѓу Украина и Русија. Никој не ги сака затоа што кога ги гледате, јасно ви е дека се ѓубриња. Ве гледаат и некако се насмевнуваат, а потоа прават три чекори и почнуваат да им кажуваат на својот тренер и на таканаречените „пријатели“ колку сте лоши. И потоа почнувате да ги победувате во некои дисциплини, а тие ве гледаат како да сте им украле милион долари“, рече Лискун пред три ипол години.

Лискун, меѓу другото, изјави дека ниту еден од нејзините руски колеги не изразил сочувство во врска со воениот конфликт во Украина: „Сочувство?! Не. Знаете, таму се случува такво перење мозок, што никој ништо не разбира. Никој дури и не напишал пост. Луѓето таму дури и не можат да кажат ништо“.

